Вицепремиерот Бујар Османи остро ја нападна министерката за труд и социјала Мила Царовска за отворањето на аферата со злоупотреба на пари од Фондот за пензиско и застана во одбрана на директорите од ДУИ во чие време не им биле префрлани пари во вториот столб на 12 илјади вработени.
„Јас морам тука да кажам дека вчера имаше несреќна изјава на министерката Царовска којашто отвори можност за спектакуларни шпекулации по однос на тоа што се случило во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, за некаква можност за злоупотреба“ изјави Османи, како што пренесува Радио Слободна Европа.
Османи, најави тужби против медиумите што, како што рече, ширеле лажни вести.
Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска застана во одбрана на министерката Мила Царовска:
„Од она што го чув вчера на прес-конференцијата и во изјавите, јасно станува дека е направена злоупотреба, што не значи дека парите се завршени во приватни џебови на функционери, но обвинителството мора да ја истражи злоупотребата“, рече Шеќеринска.
Царовска вчера соопшти дека Фондот за здравство од 2007 до 2018 година не им ги уплаќал парите на 12 илјади вработени во вториот пензиски столб со што ги оштетил за 19 милиони евра.





