Во врска со најавата дека на екс-премиерот Никола Груевски ќе му биде укината пратеничката плата, доколку во Собрание помине предлогот од група пратеници, пратеник кој е осуден на казна затвор подолго од шест месеци, „да го губи правото на исплата на плата, други лични примања и надоместоци на трошоци“, на Фејсбук реагираше поранешната пратеничка на на СДСМ, Софија Куновска.
Таа ги потсетува пратениците дека Груевски, сепак, ќе треба да прима – премиерска плата.
„На Никола Груевски ќе му биде одземена пратеничката плата согласно измени на законот, најави на прес конференција пратеничка од СДСМ.
Но, истиот има право на плата како поранешен премиер онолку долго колку што бил на таа функција. Тој беше премиер од 28.08.2006 до 18.01.2016 или 9 години, 4 месеци и 23 дена. До денес му се изминати 3 години и 10 дена.
Прашањето ми е следно: Дали останува и натаму на сила законското решение со кое секој премиер ќе има плата, обезбедување, возач, службен автомобил и се друго предвидено со актуелното решение? (Измена донесена од мнозинството на Груевски).
Ако останува ова решение на сила Груевски има уште 6 години, 4 месеци и 18 дена плата и останати привилегии како поранешен премиер. Или до мај 2026 ќе си го плаќаме“, пишува Куновска на Фејсбук.





