Премиерот Заев денеска во Велес се пофали дека на две години пред истек на мандатот на оваа влада ја зголемил просечната плата за 1659 денари или околу 27 евра.
“Ја зголемивме минималната плата, а таа отвори спирала на покачување на платите во Македонија. Со тоа, сега просечната плата е
24.548, а претходно беше 22,889. Дојдовме до просечна плата од 400 евра, ако треба железни опинци ќе облечам, ама 500 евра просечна плата во Македонија ќе има”, изјави премиерот Зоран Заев на трибина „Силна економија, шанса за сите!“ на која во Велес настапи со вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Како и до кога ќе го оствари ветеното премиерот не кажа.
Рокот за просечна плата од 500 евра истекува во декември оваа година.
На ова предизборно ветување на СДСМ последен потсети министерот за јавна администрација Дамјан Манчевски лани во мај во Куманово.
Од мај 2017 кога СДСМ дојде на власт платата расте по 79 денари месечно во просек според дрмавниот завод за статистика и тоа пред се поради растот во државната администрација.
За СДСМ да го оствари ветувањето за 500 евра во наредниве 11 месеци платите треба да растат по 545 денари секој месец.





