ЕК: Бугарија лесно продава државјанствa на странци

Политиката на Бугарија, Кипар и на Малта да продаваат државјанство на богаташи од трети земји би можела да им помага на странски организирани криминални групи да навлезат во ЕУ и да го зголемат ризикот од перење пари, корупција и затајување данок, открива Ројтерс, како што пренесуваат бугарски медиуми.



Агенцијата се осврнува на извештајот на Европската комисија, кој треба да биде објавен утре.

Малта, Кипар и Бугарија се единствените членки на Унијата кои имаат шеми за продажба на државјанства, а дваесет држави, вклучувајќи ги и оние три, продаваат дозволи за престој.

Во овие три, богатите странци можат да купат пасоши кои им овозможуваат непречен пристап до повеќето земји од ЕУ. Ова е можно со инвестиции во висина од 1 до 2 милиони евра.

Причината за загриженоста на ЕК е дека Бугарија, Кипар и Малта немаат изградено доволно механизми за спречување на мафијашки пари, пренесува БГНЕС.

Друго прашање за Брисел се различните правила кои им овозможуваат на државјаните на трети земји да добијат дозвола за престој.

За Хрватска, доволни се 15.000 евра, но во соседна Словенија и Луксембург износот се зголемува на 5 милиони евра.

Европската комисија до крајотна годината  ќе создаде група од експерти кои ќе препорачаат контрамерки на ризиците предизвикани од овие програми.

Од 2 јануари 2019 година Министерството за правда на Бугарија воведе електронска регистрација за доставување документи за бугарско државјанство.

Ова доаѓа два месеци откако Канцеларијата на Специјалниот обвинител влезе во Државната агенција за Бугарите во странство на 29-ти октомври, за да ги испита шемитњ за продажба на бугарско државјанство, пишува БГНЕС.