Уредничката и директорка на „Фокус“ и соработник во 1ТВ, Јадранка Костова, на Фејсбук порача дека новинарите нема да замолчат пред „моќниците“, како што вели, кои ги попречуваат и им се закануваат на новинарите во извршувањето на професионалната должност.
„Она што беше мисијата на ФОКУС и на Никола Младенов, новинарска битка за Правда и жестока критика на Моќниците, кои за секоја критика одговараа со крими-алиби финтата „ма, рекетираат“, денеска се соочи и тимот на 1ТВ, каде што сум само соработник-уредник.
Научени дека парата врти посилно од бургијата, дотичните продолжуваа со сите власти „среќно да си живеат“. Време е да го кренеме гласот посилно! Сега му е мајката!“, напиша Костова.
Повод за реакцијата на Костова биле заканите кон 1Тв од бизнисмен кој на тимот на 1Тв му порачал „ ќе ве убијам сите па ќе се самоубијам“, а повод бил серијалот на оваа телевизија „Македонски инсајдер“.





