Сè што со стил изградија во првото полувреме, кога се надигруваа со европскиот првак, македонските ракометари го уништија уште во почетокот од второто, кога со шест загубени топки во шест минути ѝ подарија недостижно водство на Шпанија за уверлив триумф од 32:21.
Утрешниот директен дуел со Исланд од 18 часот ќе решава за третиот патник од групата Б во втората фаза на 26. Светско првенство во Германија и во Данска.
Експресно решеното прашање на победникот во само неколку минути го седна на клупата првиот македонски состав, кој селекторот Раул Гонзалес реши да го зачува за мечот што и пред мундијалот беше означен како клучен за Македонија за посакуваниот втор круг.
Жарко Пешевски со ефект 6/8, а имеше и 6/6, беше прво име во македонскиот напад во седмиот пораз во исто толку дуели со „фуријата“.
А во првото полувреме, кое Шпанија го доби со 13:12, Македонија водеше со 6:3, а Никола Митревски правеше чуда на голот, имаше 7/9 одбрани за 20 минути…





