Германската канцеларка Ангела Меркел предизвика одиум во македонската јавност, но и пошироко, со нарекувањето на земјава Северна Македонија, и тоа три пати во иста изјава на заедничката прес-конференција со грчкиот премиер Алексис Ципрас.
„МНР на Германија, ве молам информирајте ја канцеларката дека не постои ‘Северна Македонија’ и оти Македонците донесоа одлука на референдумот на 8 септември 1991 (потврдена на 30 септември 2018) да ја зачуваат како Република Македонија. Ви благодарам“, напиша на својот профил на Твитер поранешниот македонски почесен конзул во Аризона, Џејсон Мико.
„Ова е новиот американско-германски тренд: користете ‘Северна Македонија’ уште пред да се ратификува ‘Преспански’ во која било земја + навреди ги уште повеќе македонското и грчкото население, откако македонскиот народ ѝ рече ‘не’ на ‘Преспа’, а грчкото население дури не е ни консултирано. Арогантно/игнорантно“, реагира Ханс ван ден Берг на твитот на Мико, а Петар Громов додаде: „Колку што се сеќавам, Маршал Жуков не го смени името на Берлин, а Сталин не го промени името на вашата земја. Но, менувајќи го името на други земји, најверојатно ќе треба да ги повторите руските лекции“.
„Добро утро. Зад целиот овој ‘проект’ стои Германија – единствено моќна да ги притисне двете балкански земји на периферијата“, прокоментира професорката Билјана Ванковска на својот профил на Фејсбук.
„Тоа се тие ‘пријатели’, за што бладаат неупатените во меѓународна дипломатија кај нас. Вистинските политички сили не ја менуваат својата политика, таа е константна. За да ја променат треба да се покажеш, и тоа да се препотиш од покажување дека заслужуваш такво нешто, а ние се ‘покажавме’“, напиша Драган Ѓалевски под нејзиниот пост.
Голем дел од останатите реакции за северничењето на Македонија од Меркел не се олку пристојни, а со тоа се и неупотребливи за објавување.





