Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето обраќање на вториот ден од протестите од Собрание им порача на пратениците дека одат против волјата на народот и дека името на државата е Македонија а не Северна.



„Име со дугме не се брише, име со хартија не се менува. Тоа е она што сме, она што сме биле и она што ќе продолжиме да бидеме. А нека не заборават секој кој тргнал против народ свој, народот ќе му се случи“ рече Мицкоски.

„Северна не е мојата татковина. Можеби на Заев, но не и мојата. Не на народот. Наша е само Македонија, така и ќе остане“.

Тој рече Заев со неговото владеење ќе остане запаметен на темната страна на историјата, какочовек кој продал најмногу од територијата на Република Македонија и македонскиот идентитет, а не изградил ништо.

„Ќе остане запишано дека оваа неправда на нашиот народ денес ја прават оние кои ветуваа живот, ветуваа брда и долини, оние кои ветуваа сè и сешто само за да се доберат до власта, измамнички, шверцерски, криминално и за да го направат тоа што се обидуваат да го прават денес“ рече меѓу другото Мицкоски.

За разговорите кои се водат со Беса околу нивните барања и обидите да се обезбеди двотретинско мнозинство, Мицкоски рече дека премиерот се пазари со името и идентитетот

„Погледнете колку јавно, колку само на отворена сцена се одвива ова пазарење со името и идентитетот, како на тезга како на див пазар, Заев признава дека ова гласање тука зависи само од судските случаи.

 Па има ли поголемо признание од ова? Не само што се пазари туку дека и обвинителството и судството му слугува на тоа пазарење“.

Мицкоски уште рече дека ВМРО-ДПМНЕ и тој лично ќе сторат се овој договор да не се случи и неправдата да биде исправена.

„Тоа ќе биде моја заложба и јас ова прашање ќе го отворам во секоја прилика, во секоја можност, при секоја моја средба“, рече Мицкоски додавајќи дека не знае дали ќе успее во тоа, но дека ќе стори сè што може.

Ние сме ВМРО и нема да не скршат, ВМРО е народот, а народот е Македонија. Хартијата трпи се, но во срцата остануваме она што сме и она што ќе бидеме македонци а нашата татковина беше, е и ќе остане  Република Македонија.