Премиерот Зоран Заев го нарече „свечен чин“, „историско решение“ и „голем ден“ финализирањето на амандманските интервенции во Уставот заради промена на името на државата во Северна Македонија, во согласност со Преспански договор со Грција.
„Никому ништо не сме му подариле. Ниту некој ни одзеде нешто кога се договоривме за географската одредница. Процесот на уставните измени со предложените амандмани треба да заврши со одлука за измена на Уставот што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Тој свечен чин ќе биде кулминација на сите наши напори, израз на нашата посветеност да најдеме решение кое е во интерес на иднината и на граѓаните и на нашата земја, но, впрочем, и на граѓаните на двете земји и на нашите две земји“, рече Заев од собраниската говорница, од која повторно уверуваше дека со договорот од Нивици е зацврстен македонскио идентитет.
„Имаме кристална и недвосмислена потврда за македонскиот идентитет: Македонец, Македонка, Македонци, македонско, како дома, така и во странство, преведено, без ограничувања, на сите јазици во светот. Македонски идентитет за севкупна употреба, конечно. Грција повеќе не го оспорува нашето право за себеопределување, нашето право, нашиот сопствен идентитет. Македонскиот јазик ќе се користи слободно, секаде, во Обединети Нации, во НАТО, во Европска унија, во сите официјални институции, организации, настани“, додаде тој.





