Костадинов: Граѓаните да бидат спокојни и – горди?!

Откако го искритикува приклучувањето на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на протестот пред Собрание, портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, им порача на граѓаните да останат спокојни и горди, бидејќи Македонија одела напред.



„Граѓаните да бидат спокојни и горди. Македонија оди напред, во Европската унија и НАТО. Македонија станува глобална и напредна држава“, гласи крајот од печатеното соопштение од владеачката партија што го прочита Костадинов во пресрет на собраниската седница за финализирање на амандманите на Уставот за преименување на државата во Северна Македонија.

„Мицкоски и антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ имаат само една цел – да предизвикаат тензии, омраза и насилства преку кои ќе се обидат да ја блокираат иднината на Македонија. Мицкоски работи исклучиво по директива на неговите шефови, кои се противат на успехот на Македонија и со тоа ги загрозува највисоките државни и национални интереси, а тоа се членството во ЕУ и НАТО. Мицкоски денеска потврди дека стои позади протестите против НАТО и ЕУ на кои се повикува на насилство, се шири говор на омраза и се дејствува деструктивно. Мицкоски стои рамо до рамо со антизападните пиони Бачев и Петровски“, рече Костадинов претходно.