Ако решавало обвинителството, ќе немаше амнестија

Да решавал државниот јавен обвинител или обвинителката Вилма Русковска ќе немало амнестија за 27 април, тврди првиот македонски обвинител Љубомир Јовески во интервју за МИА.



Јовески вели дека не ги знае околностите поради кои Собранието изгласало амнестија.

Во врска со амнестијата за учесниците во настаните на 27 април во Собранието, Јовески вели дека тоа е политички чин кој не сака да го коментира.

“Доколку ова зависеше од мене и од обвинителот кој постапува по предметот, Вилма Русковска, тоа немаше да се случи. Меѓутоа ова е мој професионален став, а Собранието при донесувањето на Законот ценело други околности кои мене не ми се познати. Обвинителството професионално ќе постапува до завршување на предметот. Но морам да укажам дека постапката за амнестија придонесе и за разјаснување на некои делови од настанот. Изјавите во судницата, на изненадување на многумина, укажаа на моменти од подготовка на случувањата на 27 април. Го разбирам разочарувањето на граѓаните и реакциите, но повторувам тоа е политичка одлука. Обвинителството е должно да го примени законот”, вели државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во интервјуто за МИА, кое целосно ќе биде објавено утре.