„Годината што измина сите сакаме што побрзо да ја заборавиме, а годината што доаѓа да биде година на остварување на сите наши желби и соништа“ рече во своето новогодишно обраќање до граѓаните претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов.
„Во овие моменти кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности. Ја чувствуваме потребата да бидеме солидарни, хумани, чесни и праведни. Да се сакаме, да си простуваме и да се почитуваме. Позитивните мисли што носат ведрина во овие празнични денови, треба да не водат во текот на целата година.
Но, да бидеме и доблесни да ги признаеме сопствените грешки и пропусти и да учиме од нив. Да бидеме храбри пред повикот на одговорноста и сите заедно да се посветиме и да градиме праведно општество засновано врз вистината, слободата и мирот. Само во успешна и просперитетна татковина ќе можеме да ги оствариме нашите желби, порача Иванов.
Тој на граѓаните им посака многу здравје, радост и среќа, меѓусебно разбирање, доверба и многу љубов…





