Рано утрово 51-годишен сопственик на ресторан од Македонија со иницијали И.И. е смртно застрелан во швајцарското гратче Рити од кантонот Цирих.
Околу 2 часот полицијата била известена за три истрели што ѝ нанеле фатални повреди на жртвата пред ресторанот „Берен“, кој го водел од 2002 година и кој бил свртувалиште на луѓе од регионот со потекло од Македонија што таму се собирале за да играат карти. Непознатиот сторител е во бегство.
Пријател на убиенот за весникот „Блик“ вели дека станува збор за крвна одмазда меѓу два клана со семејства во Македонија и во Швајцарија, кои не се само непријатели, туку и во брачни врски едни со други.

„Сè почна од ништо, од обично ривалство на млади луѓе“, објаснува познаникот, додавајќи дека семејството на убиениот е во кавга со тоа на Дилавер Бојку викан Леку, баран од Интерпол и од властите на САД за трговија со жени и за нелегална проституција, кој повеќе пати беше затворан.
Прв настрадал 23-годишниот С.И., син на И.И, кој бил убиен во декември 2015 година во Струга, кога другиот син П.И. бил тешко повреден и оттогаш е инвалид. За тоа бил уапсен братот на Бојку, Башким (46) и оттогаш е зад решетки, а синот на мафијашкиот шеф Ермин сè уште е во бегство.
Семејството на И.И. не седело со скрстени раце. Во август 2017 година 58-годишниот Леку, познат како крал на проституцијата во Македонија, убиен е со истрел во главата пред неговиот ресторан во Струга. Убиецот побегнал со мотоцикл од местото на злосторот и неговиот пат се губи на аеродромот во Базел.
„И.И. нема да биде последна жртва на крвната одмазда“, уверува друг информатор на „Блик“.





