Утринава повеќе граѓани на социјалните мрежи информираат дека и покрај забраната активно се вршат градежни работи на огромниот објект близу медицинската установа „Мајчин Дом“ во скопската населба Аеродром.
И покрај тоа што локалните власти и градоначалникот Златко Марин ветија дека Аеродром нема да биде жртва на урбанистичката мафија сепак огромната зграда со стотици станови интензивно се гради со огромен број градежни возила, машини и опрема.
Утрово овој дел од Скопје со часови беше блокиран од камионите кои што носат бетон за градежниот монструм.
Реагираше и новинарката и аналитичар Сабина Факиќ која открива дека откако таа направила фотографии од возилата и објектот одговорните за зградата ја фотографирале што може да биде доживеано како лична закана.
„Е Драги мои Аеродрoмци не само што се гради кај Мајчин дом туку со механизацијата зафатиле коловозна лента од улицата Карангелески, а кај булеварот пешачката патека. Лути дека ги сликав ми го сликаа возилото и регистрацијата, како закана кон мене ваљда…“, пишува Факиќ.
Фотографии со коментар „Нит мајчин, нит дом…“ и хаштаг #БаремСеГрадиАнеСмеВеќеНиМлади #СиТечеСеГрадиИзгледаНеНиСеГади објави и новинарот Горан Игиќ.
Една од причините поради кои жителите на Аеродром и други граѓани есеноска со денови протестираа против изградбата на огромниот објект кој во себе може да смести едно помало градче е и загадувањето кое што ќе биде предизвикано со изградбата и издувните гасови од возилата кои што ќе гравитираат кон неа.
Ноќеска и денеска во Аеродром е измерено рекордно ниво на загадување со ПМ 10 и ПМ 2,5 честички.





