Грчкиот премиер Алексис Ципрас го зеде во одбрана поранешниот министер за надворешни работи Никос Коѕијас против заканите што тој наводно ги добил денеска , велејќи дека тие се резултат на „слеп национализам“.
„Заканите за животот на Никос Коѕијас се уште еден доказ каде водат слепиот национализам и поттикнувањето омраза. Никос Коѕијас ѝ служеше на земјата со посветеност и со решителност како шеф на дипломатијата и никој, со каков и да е изговор, може да го доведува во прашање неговиот патриотизам, уште помалку да се заканува по неговиот живот со фашистичка дрскост и кукавичлак“, рече тој.
Движењето Прато, водено од Коѕијас, денеска соопшти дека непознати поединци му се јавиле на Коѕијас и му се заканувале, без да прецизира што рекле. Од движењето го поврзуваат тоа со предлогот на Коѕијас за ревизија на тајните фондови управувани од министрите за одбрана и за внатрешни работи, како и од Национална разузнавачка агенција (ЕИП).
Прато исто така ги обвини најголемата опозициска партија Нова демократија и министерот за одбрана Панос Каменос за „нишанење“ врз поранешниот министер со нивните изјави, со кои „создадоа услови за будалетинки да тргнат против него“.
Коѕијас се смета за еден од архитектите на Преспански договор потпишан во јуни со Македонија за решавање на долгогодишниот проблем што го има Грција со нејзиното име.
Тој поднесе оставка во октомври по конфликтот со Каменос за договорот за името на кој министерот за одбрана остро се спротивставува.





