Македонија го загуби единствениот ургентен детски центар кој од 2013 година функционираше на клиника за детски болести.
Во иднина сите случаи за ургентни интервенции кај деца ќе бидат препраќани во детската клиника во Козле.
Недостатокот на кадар го затвори единствениот детски ургентен центар во државата.
На клиниката за детски болести фалат педијатри и медицински сестри за да може повторно да функционира Центарот каде до пред две години примаа пациенти во тешка состојба.
Само годинава од Детска заминале тројца специјалисти, а поради дефицитот на лекари болни деца со леукемија и дијабет ќе се мешаат со заболени од грип. Амбуланата каде третираат ургентни пациенти е во ист ходник со специјалистичките ординации. Но за менаџментот на установата тоа не било проблем во лекувањето.
“Може да видите дека нема голема фрекфенција, тоа не е проблем, мој термин си функционира. Немаме медицински сестри а нема и педијатри, не може да вработиме бидејќи нема”, вели за ТВ Сител Катерина Ставриќ, директор на Клиника за детски болести.
Одговор за тоа кога ќе проработи детскиот ургентен центар нема ниту министерот за здравство. Според Филипче овој проблем е последица од политиките што ги наследиле од минатото.
“Нема компромитирање на тријажата за пациентите. Но знаете, овој недостиг на кадар е заради политиките кои биле спроведувани сите години резултира со тоа сега да имаме сериозен дефицит. Веќе почнавме да го надополнуваме бројот на вработени. Имаме проблем со бројот на специјализации заради недостиг на ментори”, вели за Сител Венко Филипче, министер за здравство.
Ургентниот Центар на Клиниката за детски болести беше отворен пред 5 години со подршка на турската агенција за меѓународен развој ТИКА.
Во периодот кога беше во функција лекарите примале и по десетина дечиња дневно во критична состојба. Потоа во него беше преместена Интензивна нега додека траеше реновирањето на тој оддел.
Но наместо повторно да проработи, во неговите протстории надлежните планираат времено да ја преместат лабораторијата.




