Се консултираме и со Грција, некои предлози од опозицијата се прифатливи, порача премиерот Зоран Заев на првата од петте јавни расправи што ги организира Владата за уставните амандмани.
Тој ги потенцира предлозите на Панчо Минов за постепена примена, како и дел од предлозите на Илија Димовски за вметнување на Уставот од 1991, но и предлози на албанската опозиција од Алијансата на Абанците и Беса на Касами, изнесени на собраниските дискусии.
Професорот Владо Поповски предложи во Преамбулата на уставот, во новиот текст веднаш по граѓаните на Република Северна Македонија да стои – македонскиот народ.
Поповски бјаснил дека прецизирањето со македонски народ е потребно затоа што граѓаните на Република Македонија не се национален државен субјект туку се колективен субјект кој се бори за своја држава.
Според Поповски треба да стои и „граѓани кои се дел од албанскиот, турскиот, влашкиот, бошњачкиот и ромскиот народ, а не како што досега стоеше „граѓани кои живеат во нејзините граници“.
Поповски бара во Преамбулата да стојат и решенијата од АСНОМ кои имаат конститутивно значење, а не да се употребува Прогласот, бидејќи тој, според него, е само информација.
Професорот Љубомир Фрчкоски рече дека во Преамбулата треба да се вметне Охридскиот договор но не во иста реченица со историските договори и со уставот од 1991.
Според него, во 3 амандман треба да пишува дека Републиката се грижи за дијаспората само кусо без да се наведува припадници на македонскиот народ или да се наведуваат други заедници.





