Атанасовски однесен во Шутка, имал пријатели во МВР и регионот

Екс началникот на УБК Владимир Атанасовски кој беше уапсен вчера, доби притвор од 30 дена и ноќеска е префрлен во истражниот затвор во Шуто Оризари.



Обвинителката Вилма Русковска вели дека има 3 причини за неговиот притвор.

“Тоа го образложувам со самиот факт што обвинетиот, како поранешен директор на УБК, сигурно има стекнато доста пријатели по слични такви служби, во регионот и пошироко, дека е запретена минимална казна затвор од 4 години и според Обвинителството, тоа е доволен основ дека истиот може да се даде во бегство.

Под точка два дека ќе влијае врз сведоци, или за да ги уништи трагите од кривичното дело, затоа што, ќе се повторам, како поранешен директор на УБК и тоа како е вичен во тие работи.

Трето, дека ќе го повтори кривичното дело – тој навистина не е повеќе директор во УБК, но како поранешен директор, сепак има големо влијание врз дел, како од вработени таму, но и меѓу луѓето. Знаеме дека секојдневно се одржуваат мирни протести пред Собранието, како што беа мирни и од иницијативата „За заедничка Македонија“, но сепак кои ескалираа во крваво насилство, изјави Русковска.

Како што објасни Русковска, предистражната постапка за организаторите на упадот на 27 април сѐ уште трае, а апсењето е резултат на вчерашното сведочење на двајца осомничени кои го посочиле Атанасовски како организатор на насилствата во Собранието.