Си бил еднаш еден зајак. Него не му личело да си ги сака родот и средината во која живеел, како што ќе рече самиот во една пригода, но силно посакувал да му го земе местото на лавот и тој да владее со животните. За тоа да ти бил предодреден, ни повеќе ни помалку, туку лично од Создателот, кој за таа цел го црпнал од нивата, според сопственото признание на зајкота во друга пригода.
Арно ама, во животинската хиерархија улогата на зајакот не е да владее, туку да ја здувне кога ќе почувствува и најмала опасност за својата кожичка, како кога „јунакот“ на оваа басна ѝ избегал на правдата со помош на тогашниот лав, откако се насладувал со туѓ мед. Видел-не видел зајко, се ујдисал со орлите, а му пристигнал на помош и јастребот од другата страна на Големата Бара, па почнале здружено и севезден да му пакостат и да го клукаат по глава лавот чијшто престол одамна го меркал црпнатиов, откако своевремено му го греел столчето на лавот што го спасил од зандана.
Давал отпор како што знаел и умеел кралот на животните набеден за триста наводни ѓурултии, но нападнат од сите страни почнал да снемува сила, да губи здив, да замавнува во празно. Почнале да му вртат грб еден по еден тие што до вчера кркале со него од истата софра и најсетне бил принуден да му го отстапи тронот на зајакот. Но, и покрај тоа, мир немало за него, оти зајакот, орлите и јастребот се настрвиле да му го земат и чаламот на лавот создаван над десет години во шумичката. На крајот некогаш моќниот владетел со животинскиот свет ја подвил опашката и побарал прибежиште кај еден друг лав.
Тука приказната требаше да има среќен крај за зајко, ако не беа здодевните чавки и гаврани со прашањата како можел прогонуваниот лав да избега преку седум реки и планини. Та не е мравка да се скрие, гракале птициве, прашувајќи го зајакот пред гостин кој ќе понесе одговорност за неодговорниот однос кон несудениот затвореник. И збеснал зајакот, за миг помислил дека се сторил лав, па се разгоропадил пред животинките, почнал да фрла со дрвја и камења по избеганиот, нарекувајќи го криминалец и кукавица. Притоа заборавајќи дека и него на времето го нарекувале така по добиената милост од тогашниот лав, откако пред него леел крокодилски солзи соочен со долгогодишна робија. Згора, пред само една година бил помилуван и од мечката заради мир в куќа, и тоа заедно со омразениот од него лав, покрај кој изгледал само како еден обичен зајак, со уши што му се издолжувале со секоја нова лага. Како носот на Пинокио.
И уште не му влегува в глава на кутриот зајко дека ниту тој некогаш ќе стане вистински лав, колку и да е внесен во таа улога, бидејќи се опкружил со хиени, творови, полжави и влечуги. Ниту, пак, лавот што го навредуваше е толкава кукавица, како што (му) изгледа, оти му даде милион шанси за пресметка и секогаш го победуваше. Просто, обајцата се само ликови во басната што ја напишал некој неспоредливо помоќен од нив, кому му е важен само сопствениот интерес, за чие остварување двајцава смеат само да глумат нешто што не се. Додека животните на кои се обидуваат да им продадат мушмули додека им го одземаат највредното не сфатат дека од невешто одглумениот театар пред нивни очи не можат да си го задоволат ни гладот, а камоли да им остане за пристојна живеачка, па не се кренат на нозе за своите правдини…
Наравоучение: Погледни се во огледало пред да судиш за други и да ги навредуваш.
П.С. Секоја сличност со вистински ликови и настани (не) е случајна.





