Поранешниот македонски премиер Никола Груевски не е бугарски државјанин и не поднел документи за бугарски пасош, тврдат од бугарското Министерство за правда.
„Никола Груевски не е бугарски државјанин и не поднел документи за бугарско државјанство. Според податоците на МВР, на Груевски не му бил издаден бугарски пасош“, соопштија од Министерството.
Според некои унгарски медиуми, Никола Груевски најверојатно избегал во Унгарија со бугарски пасош. Поранешниот македонски премиер Никола Груевски можеби користел бугарски пасош за да избега од земјата, пишува унгарскиот Непшава“ во врска со бегството на Груевски во Будимпешта и неговото барање за политички азил.
„Проверете кај бугарските власти“, бил краткиот одговор на претставник на унгарската влада кој е одговорен за правните прашања поврзани со барањето на Груевски за политички азил во Будимпешта.
Унгарските медиуми пренесуваат различни информации за бегството на Груевски. Најголемиот унгарски весник index.hu пренесува дека Груевски ја преминал унгарската граница облечен во женска облека.
Груевски е без пасош од летото 2017 и му беше забрането да ја напушти Република Македонија.




