Во контекст на осудата од Светиот архиерејски собор на Српска православна црква за одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј да даде согласност за признавање на независноста на Украинска православна црква, српскиот верски аналитичар Драшко Ѓеновиќ смета дека и Македонците ќе тргнат по стапките на Украинците.
„Што се однесува до Македонија, мислам дека дефинитивно ќе се обидат да го издејствуваат истото што и Украинците, но прво ќе почекаат да се реши прашањето на нивната црква. Македонија има проблем бидејќи Грција не ѝ го дава името, Бугарите тврдат дека македонски јазик не постои, туку тоа е бугарски дијалект, а немаат ни територија, бидејќи Албанците толку се раширија што ним им се заканува и поделба на Македонија, на некој начин, поради големиот број на Албанците. Ним им е потребно да имаат нешто свое, а тоа е црквата што моментно е СПЦ“, изјави Ѓеновиќ за српски „Телеграф“.
Тој, сепак, смета дека македонската црква е во предност во однос на црногорската поради тоа што зад неа стои мнозинството од народот.
„Факт е дека ‘Црногорската црква’ не е толку битна, бидејќи Црногорците се малку, а од друга страна најголем црногорски град е Белград. За разлика од Македонија, каде што мнозинството од народот е за ‘Македонска православна црква’, во Црна Гора таа идеја ја поддржуваат политичарите, додека народот е со СПЦ. Тоа е битно, покрај кого стои народот“, смета Ѓеновиќ.





