Премиерот Зоран Заев ги отфрли сите гласишта за некаков договор со Никола Груевски за негово бегство од државата, нарекувајќи го експремиерот „кукавица“.



„Сакам да ја искористам можноста за остро и категорично да ги отфрлам сите шпекулации за каков било политички договор со Никола Груевски. Вчера десет минути пред да биде објавена веста дека Груевски е во Будимпешта јас дадов изјава и кажав – имаше многу скептици дека политичари нема да бидат исправени пред суд, тоа се случи, дека нема да има судски пресуди, и тоа се случи, дека нема да има второстепени пресуди, дека жалби за служење затвор ќе бидат политички договорени. Не. Досега се потврди владеењето на правото до максимум и независноста на правосудните институции до максимум. Јас сум убеден дека времето ќе покаже – Груевски ќе се врати назад и ќе ја служи својата казна и секако ќе биде исправен пред суд да се брани и системопт да докаже дека е виновен и за други дела“, изјави Заев на прес-конференцијата по средбата со својот колега од Малта, Џозеф Мускат.

„Ај да гласаше барем во Парламент, па да дискутиравме за некој план, таен и слично. Апсолутно секој процес го водиме максимално транспарентно и овде нема ништо тајно, заткулисно и слично. Пропусти нема направено ниту една институција, единствено ако на официјалните гранични премини го пропуштиле и граничната полиција направила одредени пропусти, веднаш дадовме налог да се истражи самата постапка. И сите резултати од истрагата јавно ќе ги објавиме“, додаде премиерот.

„Каков кукавица е тој, кој што цело време велеше дека за Македонија е подготвен да оди во затвор, без разлика што ќе се случело, тој, само другите да не бидат мета или таргет, е спремен да ја прифати одговорноста или слично. Дојде моментот на прифаќање на одговорноста и тој избега како кукавица надвор од државата, обидувајќи се претходно да добие нови аболиции или не знам што во државата. Тоа само по себе потврдува дека е виновен за тоа за што е осуден, а најверојатно ќе се потврди и на суд. Сите знаеме дека имаше режим, кој што комплетно беше контролиран од Груевски и неколку луѓе околу него и Македонија единствено има иднина ако има казни“, заклучи Заев, откривајќи им на новинарите дека и кај него имало гнев.