Хрватската европарламентарка Дубравка Шуица предупреди дека неуспехот да се протурка предложената промена на името на Македонија би бил „катастрофален“ за земјата и за поширокиот регион.



„За жал, последиците би можеле да бидат многу тешки за македонските граѓани. Ако не дојде до промена на името, многу малку е веројатно дека Грција ќе ја прекине дипломатската блокада, односно ќе продолжи да ја блокира Македонија на патот кон евроатланската интеграција. Тоа ќе го попречи напредокот и развојот на Македонија, што ќе доведе до поголема несигурност во регионот, што би можело да резултира со намалена регионална безбедност. Таквото сценарио би било катастрофално, бидејќи Македонија ја докажа својата вредност, има намера да се приклучи на нашето семејство и е лојален сојузник на ЕУ во последните кризи. Навистина се надевам дека решение ќе се појави, бидејќи моменталната ситуација не е во интерес на никого“, изјави членката на Европска народна партија (ЕПП) од редовите на Хрватска демократска заедница (ХДЗ) во интервју за „Парламент магазин“.

Шуица, која е шеф на хрватската делегација во ЕПП во Европски парламент, вели дека е „задоволна што македонскиот парламент, по многу размислување, успеа да гласа за предложената промена на името, бидејќи отфрлањето на овој предлог би ја вратила Македонија повторно во ќорсокак“.

„Прашањето за Македонија е многу важно за регионалниот мир, просперитет и стабилност. Спроведувањето на оваа одлука ќе создаде неопходен нов ентузијазам за евроатланската интеграција и ќе го забрза процесот на пристапување во НАТО. Ова е патот што Македонија, како докажан западен сојузник, мора да го следи. Неодамна, имаше многу позитивни одлуки на двете страни кои придонесуваат за мирот и стабилноста. Се надевам дека и Грција ќе ја покаже истата одговорност, бидејќи добрососедските односи се клучни во ова прашање и, ако е така, очекувам овој процес да продолжи и Македонија да ни се придружи на масата на ЕУ“, додаде поранешната градоначалничка на Дубровник во два мандата.

„Проевропскиот премиер на Македонија, Заев, изјави дека ќе продолжи со промена на името на државата и покрај слабиот одзив на референдумот, кој беше само 37 проценти, бидејќи противниците на овој нов договор за името ги повикаа своите поддржувачи да не гласаат. Премиерот Заев го поддржуваат 91 отсто од оние што гласаа, па мислам дека ова е единствена можност Македонија да го финализира ова прашање, да се стабилизира како држава и да ја афирмира својата државност“, заклучи Шуица.