Георгиј Енгелхарт, руски историчар и балканист, гласањето во македонското Собрание за отворање на Уставот за промени во согласност со Преспански договор го оценува како нешто невидено во Европа во последните десет години.



„Не е тајна дека премиерот Зоран Заев ги обезбеди гласовите на овие пратеници, нудејќи им примамлив договор. Тој ја најде совршената комбинација на уцени и поткуп. Всушност, ги уценуваше со тековната истрага за немирите во Парламентот што се случија во пролетта 2017 година, откако претставник на албанската партија беше избран за функцијата претседател. Заев им понуди на пратениците амнестија во замена за ‘правилно гласање’. Ми се чини дека ова е невиден политички потег во последната деценија во Европа. Јасно е дека согласноста на овие пратеници била добиена под многу силен притисок“, вели Енгелхарт во статијата на „Евроазија дејли“ насловена „Македонија влегува во НАТО и се предава во рацете на Албанците“.

Научниот соработник на Институт за словенски студии при Руска академија на науките (РАН) очекува уставните измени да бидат усвоени во следните неколку месеци, и покрај противењето од ВМРО-ДПМНЕ и од претседателот Ѓорге Иванов, за кој смета дека повторно ќе стави вето и повторно ќе биде заобиколен и тој и волјата на народот изразена преку бојкотот на реферндумот од 30 септември. Историчарот, сепак, не очекува масовни немири на улиците на македонските градови, бидејќи настаните се случуваат многу брзо.

„Неколку недели по референдумот гледаме дека Заев не губеше време во Парламентот. Реално е да се претпостави дека ќе има јавни настапи, но нивниот опфат и влијание ќе бидат строго ограничени. Друга работа е тоа што за Владата на Заев е исклучително важно да нема предвремени парламентарни избори, бидејќи е многу веројатно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на власт. И покрај многу силното незадоволство од деценијата на владеењето на Никола Груевски, ваквото силно национално понижување не може да не се одрази на гласањето“, заклучи Енгелхарт.