Првата средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти што го формираа Македонија и Грција, како обврска од Договорот од Преспа ќе се одржи докрајот на оваа недела во Солун вели амбасадорот Виктор Габер, кој го предводи македонскиот тим, за МИА .
Предвидено е овој комитет да ги проучи учебниците, а ќе дефинира и временски рамки, за да се осигура дека во секоја од страните од идната година, односно една година од потпишувањето на Договорот, не се користи ниту еден учебник или помошен материјал кој содржи каков било иредентизам.
Одредбата прецизно дефинира дека Комитетот ќе разгледува и доколку утврди дека е соодветно, ќе изврши ревизија на кои било учебници и помошни наставни материјали како што се карти, историски атласи, наставни упатства кои се користат во секоја од страните, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа.
„Точно е дека имало и тешки и болни моменти во историјата, но тие не смеат да бидат пречка за да одиме напред, туку мораме да ги објасниме и на новите генерации да им бидат достапни на начин што нема да предизвикува нови болни моменти“, вели амбасадорот Виктор Габер.
За именувањето на населените места – топонимите (Тесалоники или Солун, Монастири или Битола…), Габер посочува дека ќе се користат меѓународините конвенции, кои што за нас, вели, се доста поволни, пренесува МИА.





