Советниците од СДСМ го вратија Тито во името на главната улица во Кочани

Централната улица во Кочани повторно се вика „Маршал Тито“, наместо „ВМРО“, како во претходните четири години, реши мнозинството во Советот предводено од СДСМ на вчерашната 17. седница.



Наспроти противењето од осумтемина вмровски советници, кои ја напуштаа седницата, па се враќаа, десетчленото сдсмовско мнозинство во Советот, поддржано и од независниот советник Венко Крстевски, ја смени одлуката донесена од претходниот состав на 14 ноември 2014 година главната улица во градот да го носи името на историското ВМРО.

Советникот од СДСМ, Благој Ситновски, во прилог на одлуката го нагласи значењето на Јосип Броз Тито, „во чие време беа поставени темелите на денешна Република Македонија“, а независниот Крстевски ја нарече „исправање на неправдата“.

Еден од лавината коментари на социјалните мрежи е дека одлуката ја донесе „прозападната СДСМ“, а против беше „антизападното ВМРО“. Друг, пак, праша дали сега на ред е Скопје, каде што главната улица и централниот плоштад со децении се викаа „Маршал Тито“ до преименувањето во „Македонија“ по стекнувањето на независноста.