Министерство за надворешни работи на Русија во официјално соопштение го осуди „грубото мешање на САД и на ЕУ во внатрешните работи на Македонија“, кое „ги надминува сите граници“.



„Внимателно ја следиме ситуацијата во Република Македонија во врска со обидите за легитимирање на Преспански договор за преименување на оваа земја. По неуспехот на референдумот на 30 септември оваа година, организиран со надеж дека ќе се добие сенародно одобрување на грчко-македонското ‘компромисно решение’, Вашингтон и водечките земји-членки на ЕУ почнаа да го промовираат воведувањето на диктираните измени на уставот на земјата преку Парламентот.

Опозициските пратеници буквално се затрупани од обраќања отаде океанот со повици да не се пропушти ‘историската шанса’ и со ветувања за разни видови бонуси за вистинскиот избор. Конкретно, американскиот заменик државен секретар Вес Мичел во објавено писмо до лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски без двоумење им диктира како да се однесуваат.

Продолжува најгрубото мешање на САД и на ЕУ во внатрешните работи на Скопје, чие ниво веќе ги премина сите можни граници. Целта – втерување на Македонија во НАТО – мора да се постигне по секоја цена.

Нашиот принципиелен став останува непроменет: долгорочното решение за спорот помеѓу Скопје и Атина може да го најдат единствено самите страни, без надворешен притисок и наметнување вештачки рокови и услови, потпирајќи се на широка јавна поддршка, исклучиво во рамките на правото и на Резолуцијата 845 на Советот за безбедност на ОН“, се вели во соопштението на руското МНР.