Косовскиот претседател сака да избегне гласање во парламентот за тоа што ќе го договори со неговиот српски колега Александар Вучиќ, а за што се потребни гласовите на две третини од пратениците.
Во врска со евентуално постигнување договор со Србија, Хашим Тачи побарал од Уставниот суд на Косово толкување на членот 18 од Уставот, со кој се регулира донесувањето меѓународни и меѓудржавни договори на земјата, јавува МИА од Приштина.
Тој се повикува на практиката за склучување договори меѓу Косово и мисијата на ЕУ– ЕУЛЕКС, што се реализира со писма на намери меѓу двата субјекти, кои беа потпишувани од шефот на косовската држава и оној на Еулекс. Без ратификација во парламентот.
Но, членот 18 предвидува сите меѓународни договори кои се однесуваат на територијата на Косово, мирот, сојузништвата, прашањата од сферата на одбраната и безбедноста и слично, да мора да бидат ратификувани во Собранието на Косово со двотретинско мнозинство.
Тачи се обидува да обезбеди терен да ги спроведе во дело неговите и намерите на неговиот српски колега Александар Вучиќ за постигнување конечно решение за споровите меѓу двете држави преку размена на територии и прекројување на границите – пишуваат косовски медиуми – што едниот го нарекува „корекција на границите“ а другиот „разграничување“




