Паралелно со спроведување на проект кој треба да ги заштити граѓаните од манипулации на референдумот невладината Цивил индиректно се заканува и открива што се може да направи власта во правец на притисок врз граѓаните.
“Нема да вршиме влијание на граѓаните како да се изјаснат, тоа е нивно политичко и со закон загарантирано право, но сакаме сите да ги повикаме да излезат на референдум и да не дозволат никој да манипулира со нивниот глас и сите да им помогнат на здравите структури да се избориме со јазикот на омраза, со лажните вести, со спиновите и црната пропаганда”, ова деновиве го истакнаа од Цивил центарот за слобода при презентација на проектот во центарот на Прилеп, на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, насловен „Гласам, значи постојам“ .
Но нивни колумнисти размислуваат сосема поинаку притоа откривајќи што се може власта да им направи на граѓаните кои што ќе бојкотираат.
Во колумна објавена на порталот „Цивилмедиа“ на Џабир Дерала потпишана од новинарот Арбен Зеќири, се зборува за механизмите преку кои власта би можела да врши притисок на луѓе за да излезат и да гласаат на референдумот.
Во текстот во кој авторот ги критикува наводните најави од оние кои ќе бојкотираат дека ќе ги сликале гласачките места за да се види кој излегува на референдум, главната теза на авторот е дека на ваквите најави власта може да одговори на брутален начин.
Па така, во текстот објавен на Цивил стои дека власта преку контрола и злоупотреба на гласачкиот список може да одбере изборни совети кои ќе ги контролираат гласачките списоци:
„Дури, забораваат дека заканите од власта се секогаш посериозни од тие на опозицијата и дека обичниот граѓанин или не се плаши од никого, или, се плаши од тие што имаат механизми на одмазда…а тие механизми се секогаш кај власта. Така што, во последниот случај, власта поседува механизми што можат да се употребат законски, без јавно кршење на законите, и секако без „упаѓање во очи“. Ако македонската опозиција, било да е формална или неформална го има механизамот на фотографирање и снимање, власта и коалицијата „За Европска Македонија“ има друг механизам за контрола врз гласачите, а тоа е гласачкиот список.
Во изборните совети, општинските изборни совети се исто така делегирани вработени од државната администрација. И доколку Владата или коалицијата „За“ референдумот посака да им возврати на снимањето и фотографирањето на гласачите, многу лесно можат да влијаат на изборните совети што доаѓаат од администрацијата и да ги контролираат во гласачките списоци гласачите што излегле на гласање и тие што бојкотирале“, пишува во анализата на Цивил.
Најсериозните закани доаѓаат во делот на текстот објавен на „Цивил“ каде стои дека власта може да врши притисок за гласање на референдум бидејќи многу лесно може да избрка некого од работа, да деградира, да затвори луѓе и да им монтира судски процеси – а притоа никој ништо да не може да направи околу тоа.
„Логично е дека опозицијата со своите фотографии никого не можат да избркаат од работа, никого не можат да деградираат на пониско работно место, никого не можат да затворат, на никого не можат да му монтираат никаков процес, итн. Ако власта реши да одговори на заканите од опозицијата, има големи можности да ги направи овие работи. Власта нема потреба да извади камерман или фоторепортер на улица, но многу лесно, без многу врева и без кршење на законот може да изврши контрола врз избирачкиот список. И доколку власта го направи тоа, многу лесно може да се оправда: не испровоцираа овие од бојкотирам со нивните закани и ВМРО -ДПМНЕ што е против Договорот за референдум нема никаков пристап до списокот на тие што гласале, а со новите правила набљудувачите немаат можност ниту да ги конторлираат гласачките списоци ниту да се мешаат во процесот, туку имаат право само да набљудуваат. И што е најлошо, ВМРО-ДПМНЕ не е застапена во процесот и нема ниту набљудувачи за барем оддалеку да гледа што се случува.“
Целиот текст, тука: https://civilmedia.mk/vie-slikate-no-vlasta-go-ima-spisokot-od-kogo-da-se-plashime/




