Русија ни ја мати водата со Бугарија, смета функционер на ВМРО-ДПМНЕ!

Заменикот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богоjески, во анализа за бугарската агенција БГНЕС ја обвини Русија за поткопување на односите меѓу Македонија и Бугарија.



„Македонија и Бугарија имаат една алтернатива, а тоа е унапредување на меѓусебните односи. Развој на партнерство и пријателство. На тоа сме обврзани од минатото, тоа е нужно во сегашноста и само таква перспектива е прифатлива во иднината. Бугарија има и историска улога и одговорност директно да ѝ помогне на Македонија на патот кон НАТО и ЕУ.

Во таа насока, последните случувања немаат никаква смисла и нè враќаат кон старите проблеми. Договорот за добрососедство создаде некои предуслови за отпочнување на нова ера на добри меѓусебни односи, но непријателите на евроатлантска Македонија се обидуваат да ги минираат тие позитивни процеси.

Во таа смисла, клучна улога одигра руското директно мешање во односите помеѓу македонската држава и Црква и бугарската држава и Црква. Сè започна со таа несреќна одлука на Синодот на БПЦ да ги замрзне односите со МПЦ под влијание на истиот центар на моќта. Денес сме сведоци дека политичари од Бугарија, кои се подложни под источното влијание, инсистираат да произведат проблем таму каде што го нема, со една цел – да ја исполнат задачата на своите наредбодавци и да ја спречат Македонија да влезе во НАТО преку нарушување на добрососедските односи помеѓу нашите две земји. Наместо да се практикува Договорот на дело, се враќа реторика од минатото, која никогаш не ни донела ништо добро, ниту во Македонија, ниту во Бугарија.

Апелирам на разум и на следење на ставовите на нашата помлада генерација на Македонци и Бугари, кои сакаме да живееме заедно, сплотени во рамки на обединета Европа. Да престанат политичарите кои слугуваат на стереотипите од минатото да ни ја сечат гранката на заедничката иднина на нас младите генерации“, вели еден од предводниците на иницијативата за реформи во најголемата македонска опозициска партија во анализата за БГНЕС што ја пренесоа повеќе бугарски медиуми.