Косовскиот претседател Хашим Тачи верува дека Албанија нема да биде против обединувањето на Косово со Прешевска долина, идеја која тој во неколку наврати ја спомена во последните денови.



Тој вели дека тоа не е поврзано со некаква поделба на Косово или со размената на територии, туку дека се работи за „кореција“ на границите.

Во гостување на албанскиот „Топ Ченл“, Тачи вели дека не комуницирал со властите во Тирана, но верува дека Албанија нема да биде против волјата на Прешево.

„Под никакви околности не може да се дозволи поделба на Косово или размена на територии, бидејќи тоа е стара идеја за Србија. Историско барање на Србија. Јас гледам можност во поправката на границата од околу 400 километри, Прешево, Бујановац и Медвеѓа да се приклучат  наРепублика Косово. Мислам дека ова барање е сосема легитимно, разумно, историско и волја на граѓаните. Идеите за поделба се идеи кои никој во Косово не може да ги спроведе во никој случај“ вели Тачи како што пренесува приштинска „Газета Експрес“.

Тој вели дека „на моето биро го имам институционализираното барање на Албанците од Прешевската долина за приклучување кон Косово… Граѓаните на Прешево ја искажаа својата волја на референдумот во 1992 година за приклучување кон Косово. Ова е легитимно историско право. Граѓаните во Косово силно ја прифаќаат оваа идеја“.

Запрашан дали за ова има поддршка од САД и од ЕУ, Тачи вели:

„Доколку постои билатерален договор, никој нема да биде против тоа. Пред две години, ЕУ, Белгија и Холандија исто така ја ревидираа и мирно ја сменија границата“.

Тачи вели дека сé уште официјално не зборувал со албанските власти, но дека не верува дека Албанија би била против волјата на граѓаните на Прешево, Бујановац и Медвеѓа.