Грчкиот композитор Микис Теодоракис е хоспитализиран во болница во Атина, по сериозниот срцев удар, кој го доживеал во петокот наутро.
Лекарите проценуваат дека ризикот поминал, но сепак се претпазливи поради возраста на Теодоракис.
Композиторот кој е политички активен во последните настапи и говори на митинзи искажа екстремно националистички ставови и барања никако да не се дозволи нашата земја да го користи името Македонија.
Тој неодамна жестоко ја нападна владата предводена од СИРИЗА поради договорот „Северна Македонија“, нарекувајќи го „национално понижување“.
Во објавен напис, Теодоракис вели дека одлуката за потпишување на договорот го разлути грчкиот народ.
„Дали не разбираат дека налутените луѓе го сметаат за опасен (договорот-н.з.)“, прашува тој.
Тој ги нападна пратениците од владејачката коалиција дека ја поддржаа владата и договорот и покрај фактот што, како што тој тврди, огромното мнозинство од луѓето се противат на тоа, пренесуваат грчки медиуми.





