Македонија од 19 јули наваму живее над своите природни капацитети

Деветнаесетти јули е Ден на еколошки долг на Македонија, односно ден од кој земјата до крајот на календарската година живее над своите природни капацитети, според извештајот на Светскиот фонд за природа (ВВФ).



Со други зборови, потребите на жителите на Македонија спрема природата од тој ден го надминуваат тоа што екосистемот може да го обнови во текот на една година.

Извештајот на ВВФ предочува дека сите земји од регионот живеат над своите природни капацитети, се наведува во соопштението и се илустрира со податоците на Мрежата за глобален еколошки отисок (ГФН). Тој се мери со глобални хектари (гхе), која е единица за мерење на нашите барања спрема Земјата (еколошки отисок) и способноста на Земјата да ги задоволи нашите барања (биокапацитет).

„Според тие податоци, Словенија води во нашиот регион со најголем еколошки отисок и прва влезе во еколошки долг на 12 мај. Ја следат Хрватска (19 јуни), Црна Гора (29 јуни), Босна и Херцеговина (6 јули), Македонија (19 јули) и Србија (30 јули). Најдоцна во еколошки долг ќе влезе Албанија – на 14 октомври“, вели Дени Пореј, извршен директор на ВВФ Адрија.

Светот, пак, во еколошки долг влегува денеска и за моментните потреби на човештвото ги користиме природните ресурси 1,7 пати побрзо отколку што екосистемите можат да се регенерираат. Значи, глобално користиме 1,7 планети, а имаме само една, предупредуваат од ГФН.

Во светски рамки неславен лидер е Катар, кој во еколошки долг влезе уште на 9 февруари. Следуваат Луксембург (19 февруари), Обединети Арапски Емирати (4 март), САД (15 март), Канада (18 март), Кувајт (22 март), Данска (28 март), Австралија (31 март), Шведска (4 април) итн.

Последен во еколошки долг ќе влезе Виетнам на 21 декември.