Коментирајќи ја неофицијалната информација од Војска на Србија за набавка на вооружени беспилотни летала, српскиот воен аналитичар Александар Радиќ открива дека во моментов со такво оружје во регионот располага само Македонија!
„’Дронови убијци’ во регионот има само македонската полиција, иако во таа земја таа информација никогаш официјално не е објавена“, објаснува Радиќ за „Спутник“.
Станува збор за дронот од израелско производство „Хермес 450“. Ова летало произведено од израелската компанија „Елбит системс“ е наменето за долги тактички мисии, кои бараат голема издржливост на дронот. „Хермес 450“ може да помине и до 20 часа непрекинато во лет, примарни мисии му се извидување, надзор и можност за давање комуникации, а може да носи и два противоклопни проектила АГМ-114 („Хелфаер“), односно две ракети „Рафаел“. Цената на едно летало е два милиона американски долари.





