Талат Џафери, на денешната прес конференција соопшти дека одлуката за распишувањето на референдумот е веќе објавена во Службениот весник.
Што се однесува до Законот за ратификација на Договорот со Грција, кој претседателот Ѓорѓе Иванов одбива да го потпише, Џафери смета дека треба да се почека референдумот и потоа да биде објавен во Службен весник.
По референдумот, според спикерот, во „Службен весник“ ќе биде објавен и Законот за употреба на јазиците, кој исто така, не е потпишан од претседателот Иванов.
„Сметам дека најповолно време тоа да се случи е после изјаснувањето на граѓаните во однос на референдумското прашање, затоа што во одреден контекст сиот успех на Договорот зависи од одлуката на граѓаните која ќе ја донесат на референдумот и тоа е најсоодветно време да се постапи по однос на договорот“, рече Џафери.
Претседателот на Собранието не ја отфрли можноста, доколку референдумот за Договорот со Грција не успее, Собранието да продолжи со измени на Уставот заради спроведувањето на Договорот.




