Македонските патлиџани на седница на косовската влада

Денеска би требало да се знае дали Косово ќе ја укине повисоката царина за 30 насто за седум македонски земјоделски производи.



Министерот за економија на Република Македонија, Крешник Бектеши во петокот добил уверување од косовскиот министер за трговија и индустрија, Бајрам Хасани, дека проблемот ќе го реши косовската влада која и ја донела одлуката за зголемените царини и најави дека ова прашање ќе се најде на дневниот ред на денешната седница на владата во Приштина.

Косово пред 15 дена, и среде сезона, ги зголеми за 30 насто царините за 21 земјоделски производи со објаснување дека со тоа им помага на домашните производители. Набрзо ја смени одлуката, но останаа повисоките царини за доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето, на кои отпаѓа најголем дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар.

Поради повисоките царини, извозот од Македонија кон Косово од 18 јули е речиси стопиран.

Вчера и Европската комисија изрази жалење што одлуката беше укината само за земјите од ЕУ, но остана во сила за земјите во регионот и ги повикаа косовските власти „да се реши ситуацијата“.