Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) ја констатира тешката положба на македонското малцинство во Грција во сеопфатен документ за јужниот сосед на Македонија од 1974 година.



„Македонски жени од Лерин во традиционална облека. Претежно рурална, неписмена и економски угнетена заедница со променлива бројност, ова малцинство го сочинува еден од најобесправените делови на целата популација“, пишува во легендата на фотографијата со две Македонки во народни носии.

Од документот одобрен за објавување во 2009 година привлекува внимание и констатацијата на ЦИА дека модерните Грци не се директно поврзани со античките Грци.

„Денешните Грци, генерално, се сметаат себеси за директни расни потомци на старите Хелени, и покрај историските и физичките докази за спротивното. Биолошки, како и културолошки, идентификацијата со славни предци е важен фокус на грчката национална свест и лежи во популарното чувство за супериорност над другите народи“, се вели во забелешката.

Документот на ЦИА ѝ го доближи на јавноста австралискиот слободен фотограф и филмаџија Саша Узунов преку „Твитер“.