Македонија има над двојно поголем природен прираст во странство

Статистичарот Дончо Герасимовски направи анализа на природниот прираст во Македонија и на македонски државјани во странство, а резултатите објавени на порталот „деца.мк“ покажуваат над двојно поголем прираст на граѓани на Македонија надвор од нејзините граници.



Природниот прираст на македонски државјани во странство во минатата година бил 3.121, односно регистрирани се 4.829 живородени деца, а починале 708 лица. За споредба, во Македонија лани се живородени 21.754 деца, а умреле 20.318 лица, па природниот прираст е 1.436. Тоа значи дека природниот прираст на македонски државјани во странство е повисок за 1.685 од тој во Македонија.

Најмногу живородени деца на македонски државјани во 2017 година имало во Швајцарија (1.426), по што следуваат Италија (1.070), Германија (900), Австрија (386), Словенија (149) итн.

Од македонските општини, пак, лидер по бројот на живородени деца во странство е Гостивар (570), втора е Струга (330), трето Тетово (286) итн.

„Повеќе живородени деца се раѓаат во други земји отколку во одредени општини во земјава. На пример, во Ново Село, Маврово-Ростуше, Пласница, Центар Жупа. Таму имаме повеќе живородени деца надвор отколку во земјава. Општини кои имаат и негативен прираст тука, а позитивен во странски земји се Маврово, Македонска Каменица, Виница, Делчево, Свети Николе, Кочани. Ова се деца на отселени државјани на Македонија“, вели Герасимовски, поранешен директор на Државен завод за статистика.