Според косовскиот „Gazeta Express“, американскиот претседател Доналд Трамп,, наводно ја поддржува идејата за поделба на Косово како една од можните варијанти за компромис со Србија.
Косово ќе треба да се откаже од дел од територијата на север со цел да добие признание од Белград.
Се тврди дека администрацијата на Трамп и ставот на Русија во врска со поделбата на Косово се совпаѓаат и дека претседателот на САД, најверојатно, наводно се согласил со планот со рускиот претседател Владимир Путин за време на нивниот самит во Хелсинки.
Доколку е така, потенцијалниот договор претставува драстична промена на позицијата на САД во врска со ова прашање, најверојатно предизвикано од доаѓањето на Џон Болтон на функцијата советник за национална безбедност на Трамп. Болтон е познат по својот анти-косовски став од неговите денови како американски претставник во Обединетите нации.
Во меѓувреме, и Србија ги поткрена изгледите за нов договор со соседното Косово…. Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека ако не се воспостави таков „демаркациски договор“, Албанците ќе се прошират низ цела Србија во наредните години поради високите стапки на наталитет.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави во разговор со претставници на Србите од Косово дека Белград нема ниту едно решение за Косово на повидок. „Се трудиме да пронајдеме некој заеднички именител. Со ништо нема да излезам пред јавноста во Белград, додека не разговарам со вас“, рече тој кој во врска со неговата изјава дека ако не дојде до разграничување со Албанците за 40 години Србија ќе мора да го брани Врање наведе: „Таа изјава е оптимистичка. Ќе дојдеме во таква ситуација за 20 години. Демографијата не е на наша страна. Тие се многу помотивирани од нас Србите да го штитат она што би го сметале за свое“, пренесе Радио Слободна Европа.
Според наводните предлози на Вучиќ, Северно Косово главно населено со Срби, би било предадено на Белград. За возврат, регионот околу југоисточниот српски град Прешево, кој е претежно населен со Албанци, може да биде придодаден на Косово.
Сепак, косовскиот премиер Рамуш Харадинај неодамна предупреди дека секоја поделба на Косово или размена на територија со Србија ќе потпали „војна“.
Косово е признато од 117 земји, вклучувајќи ги САД. Но не и Русија и Кина, како и пет членки на ЕУ кои го сметаат Косово за дел од Србија.




