Битолското образование е на колена. Сите осум основни и две средни училишта подолго време се со блокирани сметки, а само две средни училшта с`е уште некако можат да ги крпат финансиите. Вкупниот долг е четири и пол милиони евра, а од вчера ЕВН сукцесивно почна да им ја исклучува струјата. Сега во мрак се седум училишта, а деновиве сите ќе бидат исклучени. Според соопштението на Општината за ваквите состојби, решение немаат и спас ќе бараат од владините институции.
Од ЕВН велат дека неколку месеци е разговарано за долгот на училиштата и за изнаоѓање решение, но нивните обиди не вродија со плод па мораа да ја применат последната мерка- исклучувањето.- Отворени сме за изнаоѓање решение за да се надмине ситуацијата- велат од дистрибутерската компанија. До крајот на оваа недела, се очекува сите училишта да бидат во мрак, а безбедноста на објектите загрозена. На ова реагираат од опозициската ВМРО ДПМНЕ.
„Во текот на второто полугодие од претходната учебна година останаа без законски загарантираното право за бесплатен училишен превоз. Исто така, во текот на вчерашниот ден видовме дека дел од училиштата се исклучени од напојување со електрична енергија. Наташа Петровска доаѓа токму од делот на образование, а во сите овие девет месеци наназат, не видовме да понуди ниту едно конкретно решение за проблемите со кои се соочува градот во овој дел- рече Иванчо Тошевски“, координатор на ВМРО ДПМНЕ во Битола.
Покрај овој проблем, пролетва без ученички превоз останаа гимназијата „Јосип Броз Тито„ и Медицинското училиште, а поради доцнење на тендерот за новата учебна година кој треба да заврши до крајот на идниот месец, најмалку уште два месеца сите училишта ќе останат без превоз.





