Професорот Љубомир Цуцуловски преку својот Фејсбук профил се вклучи во „јавната расправа“ околу одржувањето на референдумот за преспанскиот договор за името, изнесувајќи оценка дека неговата (не)успешност не може да се оценува според нечии желби и очекувања.



„Веќе наголемо се форсира тезата дека референдумот за Договорот со Грција мора да биде успешен. Притоа, успешноста на Референдумот се оценува преку неговите резултати, што е неприфатливо.

Имено, успешноста на некој референдум – вклучувајќи го и овој, за името – не смее да се цени врз основа на неговите резултати, туку врз основа на тоа дали бил о д р ж а н. Ако бил одржан, тогаш дали бил одржан според Уставот и законите, од една страна и, од друга, дали референдумското прашање било прецизно дефинирано. Нормално, и дали поминал р е г у л а р н о – со инциденти или без нив. Сѐ друго, вклучувајќи ги и резултатите од референдумот, е небитно во оценувањето на регуларноста на било кој референдум.

Ако успешноста на некој референдум се оценува низ призмата на резултатите, е исто како успешноста на некое гласање да се определува врз основа на тоа дали нечии очекувања се оствариле или не, што е целосно с у б ј е к т и в е н пристап, бидејќи она што е за некого очекувано и пожелно, за друг не мора да е.

Затоа, само со почитување на претходните услови/критериуми може да се оцени успешноста на некој референдум, како и о д г о в о р н о с т а на власта, бидејќи токму таа е задолжена, што значи и одговорна, за успешното спроведување на некој референдум. Единствено оние кои бегаат од сопствената одговорност успешноста на Референдумот ја сведуваат само на неговите резултати. Меѓутоа, изминува времето на неодговрното и субјективното/автократско однесување.

…знаењето е исто толку моќно оружје, како што се протестите и другите видови акции, кои се во согласнот со Уставот и законите на Република Македонија, кои ќе мора да се почитуваат, бидејќи безаконието нужно води кон уште поголемо безаконие. Не може Уставот и законите да се суспендираат заради нечии желби/соништа, бидејќи тоа води кон в о л у н т а р и з а м од најдолен вид“, пишува Цуцуловски.