За пратеникот Костадинов од СДСМ, Мицкоски е предавник!

Откако неговиот партиски шеф Зоран Заев го обвини претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека лаже и е против ЕУ и НАТО, пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов, го впери прстот во лидерот на опозицијата како „предавник на националните интереси“!



„Наместо иднина во ЕУ и во НАТО, Мицкоски избра да остане во темното минато, на страната на криминалот, изолацијата, темнината. Тој сака и граѓаните да останат во темнина. Денеска, по лидерската средба, сè стана јасно. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ лажеа дека им бил важен изборот на ДИК со двотретинско мнозинство. Лажеа дека сакаат во ЕУ и во НАТО, лажеа дека сакаат правна држава и реферeндум на кој граѓаните ќе одлучат.

ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски имаа една и единствена цел – амнестија на криминалот по секоја цена. Дури и по цена да нема референдум, доколку нема амнестија. 

ВМРО-ДПМНЕ, партијата што една децеција заговараше референдум, денеска избега од таквата обврска. Мицкоски вели дека сака во ЕУ и во НАТО, а не поддржува ниту еден чекор кон таа цел. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ја испуштија шансата да застанат зад македонските национални интереси. Отсега па натаму историјата ќе им суди на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ. 

Како парламентарно мнозинство, имаме обврска да ја обезбедиме иднината на нашата држава и тоа ќе го направиме. ВМРО–ДПМНЕ и Мицкоски нема да ја закочат македонската иднина. Ќе победи волјата на граѓаните! Македонија ќе успее. 

СДСМ со сите сили и со сите политички партии кои се на страната на НАТО и ЕУ на ќе овозможи да победи волјата на граѓаните“, рече Костадинов во обраќањето од седиштето на владејачката партија.