И македонски хамбургер, покрај оро, на „Бургерфест“ во Инголштат

Благодарејќи на членовите на македонското културно друштво „Македонија“ од Инголштат, посетителите на тамошниот фестивал „Бургерфест“ минатиов викенд имаа можност да вкусат и македонски хамбургери.



Специјално за овој настан, мак-бургерот се прави со месо со специјални македонски зачини, а на штандот има и други македонски специјалитети, вклучувајќи и слатки, „сè направено од нас“, објаснува Радован Златановски од друштвото.

„Пораснав во овој клуб“, вели тој за весникот „Донаукурир“, кој за него додава дека е роден тука и германски државјанин, а неговиот татко емигрирал во Инголштат уште пред половина век, но врските со татковината не се прекинати. „Одиме таму неколку пати годишно“.

Во Инголштат живеат околу 150 македонски семејства, а во Багервег имаат и свој клуб.

„Редовно се среќаваме“, објаснува Златановски за активностите на околу 50 члена на друштвото, кои се дружат секој викенд во просториите на клубот, а Фестивалот на културата во Инголштат им е главна цел секоја година.

„Фестивалот е единственото место каде што се претставуваме. Живееме за тоа“, вели тој за настанот за кој минатата година изнајмиле и дополнителен шатор.

Златановски се надева дека по неколку години пауза на фестивалот повторно ќе се претстават и со македонска детска фолклорна група.

Инголштат е град од 134.000 жители на реката Дунав во централниот дел на германската покраина Баварија.