Професорот Љубомир Цуцуловски денеска на својот Фејсбук постираше неколку фотографии од остатоците на некогаш популарниот Поштенски дом на Водно кој е целосно запуштен, руиниран и најверојатно вандализиран.
„Ретко кога човек останува без збор или без наслов за она што го пишува. Еден таков момент е токму сегашниов. Не знам што да речам, ниту како точно да го насловам постот. Можеби збунетоста ќе тане поразбирлива, кога ќе ги видите фотографиите што ги приложувам. Ги направив денес, на Водно. Значи, не наводно, туку токму на Водно.
На нив се гледа некогашниот објект, познат како Поштенски дом на Водно, на надморска висина од околу 700 метри. Мислам дека е граден во ’70-тите години од минатиот век. Беше комбинација на хотел и ресторан, со летна тераса. Беше во сопственост на ПТТ. Но, беше… Што е денес, не знам. Но, барем нешто може да се види и заклучи од фотографиите.
П.С. До скоро не беше во ваква состојба, која (најверојатно) е резултат на еден чин, извршен (најверојатно) во една ноќ“ напиша Цуцуловски.
Јавноста сигурно би сакала да знае во чија сопственост се сега „руините“ од некогашниот Поштенски дом… И, конечно, како резултат на што е доведен во ваква „состојба“.








