Русија за наводната закана со вето во ОН за „Северна Македонија“: Апсурд!

Бисер на невообичаено големиот простор за Македонија на денешниот брифинг во Министерството за надворешни работи на Русија е негирањето на наводната закана од Москва за вето за договорот меѓу Атина и Скопје во Советот за безбедност на Обединети нации.



„Во многу грчки медиуми, кои се заинтересирани за ситуацијата во билатералните односи, има информации дека, наводно, пред последната криза со протерувањето на руски дипломати, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го повикал неговиот грчки колега и му се заканил дека Русија ќе го суспендира договорот меѓу Атина и Скопје на ниво на Советот за безбедност на ООН. Имаше ли таков телефонски повик? Во десетици години од мојата работа ова е прва ваква масовна кампања на антируски написи во грчките медиуми. Исто така, има информации дека постои наводно видео во кое руските дипломати се обидуваат да ги поткупат грчките пратеници да гласаат против овој договор. Би сакал, ако е можно, да го слушнам вашиот коментар“, ѝ се обрати присутен на брифингот на портпаролката Марија Захарова.

„Што се однесува до првиот дел од вашето прашање за тоа што наводно Лавров му се заканил на неговиот грчки колега, тоа е апсолутен апсурд, глупост. Чудно е што грчката страна не го прокоментирала ова, штом таква информација се појавила во грчките медиуми. Ова е изненадувачки. Ова е нонсенс, апсурд, употребете кој било грчки синоним за овие зборови.

Ние, според мене, не еднаш докажувавме дека дури и во најтешките ситуации кои се јавуваат во билатералните односи со кои се засегнати трети земји, секогаш имаме предвид дека станува збор за судбините на нашите земји, на луѓето, кои не смеат да биде заложници на валкани игри во кои ги втурнуваат многу држави.

Во дадениот случај тоа беше многуетапна игра во која, конечно, беше вовлечена Грција. Ние го знаеме ова. Мислам дека многу грчки новинари го знаат тоа, а уште повеќе грчките политичари. Сосема добро разбираме дека притисокот на кој беше изложена Грција беше најсилен. Апсолутно јасно можам да кажам дека се потпирам на факти. Веројатно, првите бранови на овој притисок Атина успеа да ги преживее. Конкретно, зборуваме за ситуацијата кога таканаречената ‘солидарност’ беше искористена како начин за вклучување на земјата во провокативни активности, особено од Велика Британија.

Атина не беше единствениот главен град во кој беше донесена таква одлука. Знаеме што правеа со тие главни градови, земји, политичари, кои не реагираа на акциите на Британија и на притисокот. Тоа се интензивираше, па не само што ги притискаа британските претставници, туку им се придружија и американските партнери.

Уште еднаш велам дека секоја земја, секое политичко раководство, одредува колку може да го отстрани влијанието од надвор. Ја разбираме ситуацијата. Друго прашање е колку е разбрано тоа во Грција. Ми се чини, судејќи според бројни публикации, дека постојат очигледни докази за овој притисок. Раката на тој човек кој непосредно го креира и го спроведува овој проект за туркање на Москва и Атина, им е позната на сите. Не е моја задача детално да зборувам за ова. Мислам дека новинарите можат сами да го сторат тоа.

Имаме разбирање дека грчкиот народ треба да комуницира со рускиот народ и да не страда од тие валкани провокации, како оние во кои, за жал, Атина беше вовлечена. Се разбира, станува збор за политика. Таквите работи не остануваат без последици, не исчезнуваат без трага. За жал, сето ова ги засени билатералните односи, без придржување до никакво конструктивно начело.

Што се однесува до видеото, ајде да го видиме. Не можам да коментирам за она што не го видов. Немам поим за што станува збор“, одговори Захарова.