Курц гледа перспектива за Балканот во ЕУ

Преговорите за пристапување со ЕУ и Турција треба веднаш да престанат, изјави австрискиот канцелар Себастијан Курц вчера за грчкиот весник „Катимерини“.



Курц, чија земја го презеде ротирачкото претседателство на ЕУ на 6-ти јули, рече дека се залага за прием на балканските земји и подобрување на односите со Русија.

Обезбедувањето чесни изгледи и веродостоен пат кон ЕУ за земјите од Западен Балкан ќе им служи на политичките, економските и безбедносните интереси на ЕУ, вели  Курц, според кој Балканот е еден од приоритетите на претседателството на Австрија.

Тој, исто така, го поздрави договорот меѓу Грција и Македонија за името, објави весникот.

Запрашан дали Австрија ќе ги затвори границите со соседните земји за да спречи движење на мигрантите, тој рече дека земјата јасно ставила до знаење во случајот со границата со Германија дека нема да прифати мерки што ќе ја оптоварат.

Курц, исто така, говореше за постепено нормализирање на односите меѓу ЕУ и Москва, оценувајќи дека не може да има одржлив мир во Европа без Русија, и додаде дека постепеното укинување на санкциите на ЕУ наметнати на Русија може да се случи откако ќе има напредок во спроведувањето на договори.