Министерот за финансии, Драган Тевдовски, вели дека искуствата од другите земји покажуваат зголемен пораст на странските директни инвестици по влезот во НАТО Алијансата.
Ако се земе просек од пет години пред и по пристапувањето на нашите соседи Бугарија и Албанија, се забележува неколкукратен раст на странските инвестиции, вели министерот.
„Во Бугарија, странските директни инвестиции, 5 години пред и по влезот во НАТО, се скоро три пати повисоки, односно од 7 проценти на 19,8 проценти од БДП.
Кај Албанија тие се двојно поголеми, или од 5 проценти на 9 проценти од БДП и тоа во време на светската економска криза. Значи, ефектите можеле да бидат и поинтензивни.
Кај Романија, исто така има висок раст, од 2,8 проценти на 7,2 проценти по пристапувањето во НАТО, кај Чешка од 3,2 на 7,7 проценти, кај Естонија од 7,5 проценти на 13,5 проценти“ наброи министерот.
Од него тоа е прилив на свеж капитал, кој прави нови фабрики, нови производствени капацитети, нови работни места, нови производи…а стабилноста и меѓународниот статус кои ги носи членството во НАТО, влијаат на одлуките за инвестиции, како на домашните, така и на странските.
„Бизнисот кај нас бараше членство во НАТО и тоа е логично. Земјата ќе има подобар меѓународен статус, ќе биде во друштво со најразвиените земји. За бизнисите ќе биде многу полесно да влегуваат, да воспоставуваат врски и да тргуваат по влезот во НАТО“ вели Тевдовски.
Тој исто така смета дека со влезот во Алијансата и намалување на ризикот, можеме да очекуваме дека во наредниот период и кредитниот рејтинг на земјата да биде подобрен.




