Договорот за името е повик за сепаратизам, вели Мицотакис

Лидерот на опозициската Неа демократија, Кирјакос Мицотакис, го повтори својот став дека договорот за името е неприфатлив за грчката јавност поради признавањето на македонскиот јазик и етницитет, но дека, доколку помине во Парламент, Неа Демократија ќе го прифати.



Во интервју за влијателниот европски весник „Политико“, Мицотакис вели дека најголемиот проблем со преспанскиот договор е што тој признава македонски јазик и етницитет, пренесе МИА.

„Секогаш сме велеле дека сакаме решение, но дека тоа мора да ги почитува сензибилитетите на двете страни“, вели Мицотакис, кој додава признавањето на македонскиот идентитет е искрено неприфатлив за најголемиот дел од Грците.

„Не сакам да ја платам цената на дестабилизација на мојата земја за да ги стабилизирам северните соседи. Не можеме да прифатиме македонски јазик и етницитет“.

Тој стравува од регионални немири поради македонското малцинство во Грција, зашто договорот бил „повик за сепаратизам од одредени сили во тој дел од Грција“, вели шефот на Неа Демократија во интервјуто чии делови пренесува МИА.