Намалување на цензусот за референдумот е „невозможна мисија“

Идејата на дел од провладините експерти и функционери за намалување на цензусот на престојниот референдум за името е невозможна за спроведување, тврдат за expres.mk правни експерти



Постојат две правни пречки зошто власта која се плаши дека нема да има цензус за референдумот нема да може да го намали потребниот праг на излезност со што ќе добие шанса да го наметни името Северна Македонија.

Првата пречка е тоа што за овој закон е потребно двотретинско мнозинство во Собранието односно 81 пратеник што во моментов не е можно доколку опозицијата остане на ставот против договорот со Грција.

Вториот проблем е уште поголем затоа што се наоѓа во највисокиот правен акт во земјата кој се уште е на сила. Имено во членот 73 од уставот јасно е наведено дека референдумот може да помине само ако за него гласале 50 % од гласачите плус 1.

Член 73
Собранието одлучува за распишување на референдум за одделни прашања од својата
надлежност со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Одлуката на референдумот е усвоена, ако за неа гласало мнозинството од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи. Собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи. Одлукатa донесена на референдумот е задолжителна.

Практично тоа значи дека ако нема промени, од 1.814.644 запишани во избирачкиот список во 2017 година (локални избори) на гласање треба да излезат 907 илјади и 323 граѓани со право на глас.

Од нив 453 илјади и 162 граѓани треба да гласаат „За“.

Правните експерти немаат дилеми, за да се намали цензусот власта мора да го смени уставот а за негова промена потребни се 81 глас во Собранието што значи дека Македонија на референдум ќе оди со услови кои што е речиси невозможно да бидат исполнети.