Иво Христов, професор по социологија на правото на Универзитет „Свети Климент Охридски“ од Софија, смета дека Грција добила сè, а Бугарија трајно ја загубила Македонија со договорот Заев-Ципрас, оценувајќи го како опасно и името Северна Македонија.
„Македонија веќе конечно излегува од бугарската историска, културна и секоја друга орбита. Македонија е апсолутно загубена“, категоричен е Христов во интервјуто за телевизијата Поглед.
„Со договорот Грција си ја заврши работата. Пред некој ден грчкиот министер за надворешни работи кажа официјално, а јас не видов ниедна реакција од Бугарија, дека подобро е да имаме една мала, пријателска држава што ќе ја контролираме, отколку на северната граница да имаме Голема Албанија или Голема Бугарија. Грција со овој договор кажа три нешта: прво, се разбира, потклекнаа пред американскиот инает, но тие барем го истргуваа тоа, за разлика од нас, велејќи: ‘Нарекувајте се како сакате, ако саката станете и космонаути, но нема да ја чепкате грчката историја; второ, ќе ги исфрлите од вашиот Устав сите прикаски за иредентизам и за грижата за македонските малцинства и трето и најважно, нема да се занимавате со нашата историја, но, ако сакате, користете ја целата бугарска историја, тоа си е ваш проблем’“, објаснува тој.
„Македонија е болка по роднинска и по секаква друга основа на 2,5 милиони Бугари со потекло од Македонија. Никој не нè прашува. Дали ќе биде Горна Македонија, Долна, Средна, на квадрат, со точки или нешто друго, тоа е последното нешто што некој го прашува бугарскиот политички фактор, зошто тој не е фактор. Второ, како што кажа и Захариева пред некој ден во Скопје, основната цел е Македонија да влезе во НАТО и да добие покана за влез во Европска унија. Јасно е дека целта е да се блокира Вардарската долина, да се исфрли од таму Русија, да ја казнат Србија и, во крајна линија, да ги исфрлат и Русија и Кина од Балканот“, смета Христов, според кој идејата за т.н. Западен Балкан е американски проект.





